Локалната самоуправа од Охрид самата ќе го определи идниот изглед на Кејот „Македонија“, кој се протега во центарот на градот долж езерото. Неодамнешниот архитектонски Конкурс за избор на идејни решенија заврши неуспешно, a од општина Охрид образложуваат дека доставените авторски трудови од жири – комисијата се отфрлени како мегаломански. Градоначалникот Никола Бакрачески вели дека при изработката на идејното решение за Кејот „Македонија“ ќе се внимава за да не се наруши природниот еко – систем на Охридското езеро.
Од охридската локалната самоуправа напоменуваат дека тие во моментов го изработуваат идејниот и основниот проект и по неговото завршување ќе се знае крајната цена на зафатот и кога ќе почне неговата реализација. Општина Охрид го објави Конкурсот за партерно и хортикултурно уредување на Кејот „Македонија“ кон крајот на октомври минатата година.