Министерството за економија денеска ја спроведе лотаријата на која беа извлечени лицата кои се стекнаа со право на надомест на најмногу 30% од трошоците направени за купување и вградување на соларни колектори во домаќинствата. Од државниот буџет за овој проект и годинава се издвоени шест милиони денари, со кои се покриваат дел од потрошените финансиски средства на граѓаните за инсталирање на вакви уреди. Притоа, надлежното министерство на граѓаните им покрива не повеќе од 300 евра во денарска противредност на домаќинствата кои не се стекнале со ваква субвенција во текот на минатите години.
Министерот за економија Беким Незири беше присутен на јавното извлекување, по кое тој ги резимираше досегашните резултати од реализацијата на овој проект започнат уште во 2007 година. „Досега вкупно се субвенционирани 3.021 домаќинство, а исплатени се вкупно 42.900.000 денари од Буџетот на Република Македонија“ рече Незири. Воедно, тој информираше дека само годинава до министерството пристигнале 2.484 барања за одобрување на субвенции за вградување на сончеви колектори. Проценките се дека со нивното инсталирање во едно домаќинство може да се оствари заштеда на електрична енергија од околу 2.400 kWh на годишно ниво.