Од денеска е официјално отворена за сообраќај третата проширена и реконструирана делница на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, поточно сегментот од крстосницата со булеварот 8 Септември до крстосницата со улицата Московска. Оваа важна сообраќајница доби уште една лента во должина од 1.100 метри, со што и на овој дел од трасата се формирани 4 коловозни ленти, по две во секоја насока, без средишно зеленило. Од двете страни се изведени тротоари со ширина од по 3,5 метри. Вкупната асфалтирана површина на коловозот изнесува 19.500 квадратни метри, а тротоарите се поплочени со павер елементи на површина од 9.550 квадратни метри. Во рамки на проектот беше поставена нова атмосферска канализација со должина од 1.493 метри и извршена беше реконструкција на постојната фекална мрежа, при што на должина од 226 метри се поставени цевки со профил од 600 и 300 милиметри. Новопоставеното улично осветлување се состои од 82 столба на коишто се инсталирани 108 светилки со моќност од 250W.
Зафатот стартуваше во јануари 2014 година, а првично беше најавено дека градежните работи ќе бидат реализирани во рок од шест месеци. Градот Скопје во проектот вложи 92,6 милиони денари, од кои 11,6 милиони денари беа наменети за уличното осветлување. На проширување и реконструкција на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов работеше скопската фирма „Трансмет“, а осветлувањето го изведе „Магнус Инжинеринг“.
Градот Скопје досега комплетираше две фази од проширувањето на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов. Во октомври 2012 година беше отворена за сообраќај делницата помеѓу крстосницата со улицата Франклин Рузвелт и крстосницата со булеварот 8 Септември во должина од 750 метри. На крајот од 2011 година беше пуштен во употреба првиот проширен сегмент на потегот помеѓу улиците Франклин Рузвелт и Костурски херои.