Општина Кичево деновиве ја привршува изградбата на првиот од трите планирани кружни текови на главниот булевар „Ослободување“, кои се градат на потегот од железничката станица до централниот плоштад. Најпрво ќе се пушти во употреба кружниот тек помеѓу улицата „11 Септември“ и булеварот „Ослободување“, а допрва е планирано да се гради вакво сообраќајно решение на вкрстувањето со транзитната сообраќајница на магистралниот пат Скопје – Охрид. Изведбата на новите три кружни текови е дел од проектот за реконструкција на булеварот, кој започна уште во 2012 година, а после подолготраен застој, продолжи минатата година.
Во изминативе 12 месеци се изведени најголем дел од градежните активности. Фирмата „АС Сењак“ треба да постави нов асфалт долж целата траса, да ги доврши бетонските жардиниери и да го изведе хортикултурното уредување. За оваа намена, од буџетот на општина Кичево ќе се потрошат вкупно 60.062.000 денари, односно околу 975 илјади евра. Реконструктивниот зафат треба да се комплетира најдоцна за шест месеци.