Македонците милуваат да го користат автобусот како основно превозно средство. И во првите три месеци придолжува стабилниот раст на превезените патници со автобус. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на транспортирани лица во градскиот превоз изнесувал 13.422.000 и е зголемен за 2,6% во однос на истиот период лани, додека значаен пораст од дури 23,5% е забележан кај меѓуградскиот автобуски превоз. Со автобус помеѓу градовите во земјава во периодот јануари – март 2015 година патувале 1.916.000 лица. Огромно зголемување од 72,3% е констатирано и во меѓународниот автобуски транспорт, кој во првите три месеци од годинава го користеле 174.000 патници.
Единствено намалување во автобускиот превоз од 8,2% е забележано кај приградскиот превоз. Статистичките податоци покажуваат дека најголем удел во меѓуградскиот патен транспорт имаат редовниот транспорт што го опслужуваат автотранспортните компании, а по него следува превозот на работници и ученици, како и другиот вид на слободен превоз. Во сегментот на меѓународниот сообраќај, опслужувањето на редовните автобуски линии кон странство привлекува најголем број на патници, а по него следуваат екскурзиите и туристичките тури.
Текст, фото: Бојан Блажевски