Раководителите на македонските градежни компании гледаат со оптимизам во натамошниот развој на деловните тенденции во градежниот сектор. Според податоците што денеска ги објави Државниот завод за статистика, очекувањата за вкупните порачки за градежни работи се дека ќе се зголемат во наредните три месеци, како и очекувањата за бројот на вработени во наредниот период. Индикаторот на доверба во првото тримесечје од 2015 година е зголемен за 1,2 процентни поени во однос на претходното тримесечје, а за 2,3 процентни поени е зголемен во однос на истото тримесечје од 2014 година.
Според оценките на менаџерите на деловните субјекти од градежниот сектор, економската состојба во првите три месеци од годинава е поповолна во однос на претходното тримесечје и во однос на истиот период од минатата година, додека идентични резултати се добиени и за финансиската состојба на нивните деловни субјекти. Во наредниот период се очекува продажните цени да се зголемат, а бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата во првото тримесечје од 2015 година се над нормалата.
Раководителите на домашните градежни компании оцениле дека најголемо влијание на ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат следните фактори: немањето побарувачка со 21,6%, зголемените трошоци за материјали со 15,5%, конкуренцијата во сопствениот сектор со 13,1% и зголемените финансиски трошоци (камати) со 12,9%.