Општина Охрид денеска реализираше успешно електронско јавно наддавање за продажба на парцелата од 8.425 метри квадратни во крајбрежната зона Грашница, наменета за изградба на Дом за стари лица. Парцелата е продадена по цена од 1.532 денари за метар квадратен, од кои во локалниот буџет ќе се инкасираат вкупно 12.907.100 денари, или околу 200 илјади евра. Купувачот на градежното земјиште засега не се обелоденува, а повеќе информации од локалната самоуправа ќе бидат објавени по уплата на средствата, за време на потпишувањето на купопродажниот договор.
Во согласност со Деталниот урбанистички план, на локалитетот „Грашница“ е предвидено да се гради Дом за стари лица со бруто површина од 37.794 метри квадратни, но предвидена е и компатибилна класа за комерцијални и деловни намени. Објектот ќе има приземје, четири ката и поткровје, со максимална висина од 18 метри. Инвеститорот е должен да обезбеди одобрение за градење во рок од 12 месеци по потпишувањето на купопродажниот договор со општина Охрид.