Од вкупно 317 милиони денари предвидени за довршување на проширувањето на булевар „Борис Трајковски“, Градот Скопје преку кредитно задолжување ќе обезбеди 258,3 милиони денари, односно 81% од потребните средства. Градските советници на последната седница се согласија за ново задолжување, со кое ќе се финансира реконструкцијата и проширувањето на оваа сообраќајница на потегот од фабриката „Стакларница“ кон населбата Драчево. Кредитот ќе се земе од домашните комерцијални банки, но најпрво треба да се склучи договор за задолжување со Министерството за финансии. Финансиските средства ќе се покријат преку Проектот за подобрување на општинските услуги на Светска банка.
Како и во претходните фази од проектот за реконструкција и проширување на булеварот „Борис Трајковски“, Градот Скопје планира да изведе четири сообраќајни ленти, со комплетна промена на подземната инфраструктура, со изведба на тротоари и ново улично осветлување. Со финализирањето на последната фаза од проектот, оваа значајна транспортна врска ќе прерасне во булевар по целата должина од централното градско подрачје до населбата Драчево.
Пред две години, градските власти ја реализираа третата фаза од проектот со проширување на булеварот „Борис Трајковски“ на делот од крстосницата со булеварот „Србија“ до фабриката „Стакларница“. Во претходните две фази, се изведоа четири сообраќајни ленти низ населбата Кисела Вода, се до булеварот „Србија“.
» Форумска дискусија за булеварот Борис Трајковски (Првомајска)