Се намалуваат активностите на македонскиот градежен сектор на странските пазари. Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на договорените градежни работи во странство во периодот јануари – март 2015 година изнесува 2.794.547.000 денари, што претставува намалување од 46,8% во споредба со идентичниот период лани. Во првите три месеци од годинава, градежната оператива од Република Македонија во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 392.499.000 денари, што е за 15,1% помалку во однос на истиот период од минатата година.
Во периодот јануари – март 2015 година е забележан зголемен обем на извршени градежни работи во Италија, Хрватска и Холандија, додека на другите пазари е регистриран намален обем. Како нови пазари за македонските градежници се јавуваат Косово, Австрија, Албанија, Србија и Црна Гора. Намалувањето на градежните активности на странските пазари на почетокот од годинава следува во минатогодишниот пораст на реализирани проекти надвор од нашата земја.
Бојан Блажевски