Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) вечерва во Музејот на град Скопје ја отвори изложбата по повод 25 години од постоењето на архитектонската награда за животно дело „Андреја Дамјанов“. Јубилејната изложба е посветена на 25 автори кои се стекнале со наградата, која е востановена во 1989 година. Признанието се доделува еднаш годишно на видни архитекти кои со своето дело, опус и авторитет постигнале врвни резултати во полето на архитектонското проектирање, градителство и урбанизам.
Постоечката изложба е важна од две причини. Прво, како јубилејна изложба на која се претставени 25 членови на Архитектонската академија при ААМ. Второ, вечерашната манифестација претставува визуелно сведоштво за нивното остварено дело и творечка сила, нагласуваат од Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Актуелната изложба е помогната од Министерството за култура и Музејот на град Скопје.