Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и охридскиот градоначалник Никола Бакрачески денеска го означија почетокот на градежните работи за реконструкција на улицата „Питу Гули“ во Охрид. Сообраќајницата ќе биде реконструирана во должина од 768 метри, при што е предвидено да се санираат и тротоарите од двете страни на улицата. Проектот ќе се спроведе во четири фази. Со денешниот настан стартуваше и реализацијата на инфраструктурните проекти што ќе се спроведуваат преку обезбедениот кредит од Светска банка. Вкупната финансиска конструкција за сите планирани проекти изнесува 128 милиони денари.
* Извор на фотографија: општина Охрид
Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески најави дека во наредниот период ќе се изведат два нови кружни текови на булеварот „Туристичка“, ќе биде реконструирана улицата „Ристо Чадо“ и уште пет помали улици во населбата Воска Даљан. Со обезбедениот кредит од Светска банка ќе се обнови и патот кон село Елшани и улицата „Илија Смически“ во село Лескоец.