Чешката фирма „ИЦС Системи“ од Карлови Вари ќе го модернизира јавното осветлување во Охрид. Оваа фирма е избрана како приватен партнер од страна на општина Охрид, врз основа на распишаната постапка за јавно – приватно партнерство во времетраење од 15 години. „Согласно физибилити студијата, приватниот партнер ќе има обврска да инвестира 3 милиони и 570 илјади евра во модернизација на системот за осветлување“ информираат од општина Охрид. Ќе се заменат постоечките 7.627 светилки со лед енергетски ефикасни светилки, а ќе се постават и дополнителни 620 сијалични места.
Во наредните години ќе се менуваат постоечките дрвени со бетонски столбови, додека во стариот дел на градот и покрај кејот на езерото ќе се постават 461 светлечки фенери. Приватниот партнер ќе биде должен за одржување на илуминацијата на значајните културни и историски објекти во градот преку поставување на 103 рефлектори и 49 подни рефлектори. Локалната самоуправа од досегашниот начин на управување со уличното осветлување инкасираше во просек по околу 1 милион евра. Овие финансиски средства во иднина ќе се слеваат во касата на чешката фирма, која пак ќе биде должна да и исплаќа на локалната самоуправа по 222.200 евра годишно.