Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев на денешната прес – конференција објави прислушкувани разговори, во кои премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески наводно договараат колку проценти провизија да земат од договорот со кинеската компанија „Синохидро“ за автопатите Охрид – Кичево и Миладиновци – Штип. „Условите се 5 проценти од проектот или помеѓу 15 и 18 милиони евра провизија и тоа само од автопатот Кичево – Охрид, а од двата автопата заедно, нели „на ист начин и под исти услови“ како што самиот Груевски вели во разговорите, вкупно, повеќе од 25 милиони евра“, изјави Зоран Заев.
Првиот човек на опозициската партија СДСМ истакна дека иако проценката на Агенцијата за патишта е 270 милиони евра за автопатот Кичево – Охрид, сепак по налог и директива на Груевски, министерот Миле Јанакиески, вицепремиерот Владимир Пешевски и генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски се договараат за изведба на автопатот Кичево – Охрид во вредност од 373 милиони евра. Во денеска презентираните наводни разговори дијалогот се одвива со шифри. За лидерот на СДСМ, Зоран Заев објавените аудио снимки се доказ за еден огромен грабеж во Македонија.
Еден од засегнатите лица во прислушкуваните разговори реагираше во текот на денешниот ден. Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на денешната собраниска седница истакна дека договорот за изградба на автопатиштата е најдобар договор од сите држави во регионот. „Во процесот на преговори, бевме вклучени јас и Миле Јанакиески, но имавме повремени консултации и со сите други релевантни институции, најмалку десетина, вклучително и со премиерот. Консултациите беа вршени со намера и насока да се постигне што пониска цена, значи за спуштање на цената и за ништо друго“, изјави вицепремиерот Владимир Пешевски.
Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со соопштение, во кое се наведува дека Зоран Заев објавувал тенденциозни, невистинити и целосно манипулативни наводи. „Со ова однесување на Заев, тој не само што го гази имиџот на државата, туку и се обидува да ја вовлече државната компанија на НР Кина, како и останатите институции кои учествуваат во овие проекти, во лоши сценарија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Договорот за кој опозициската СДСМ денеска тврдеше дека е коруптивен е потпишан во 2013 година помеѓу Владата на Р.М. и кинеската компанија „Sinohydro Corporation Limited“. За изградба на автопатската делница од Кичево до Охрид, како и за автопатот од скопско Миладиновци до Штип според потпишаниот договор се потребни 580 милиони евра, од кои, најголем дел, односно 90% беа обезбедени преку кредит од кинеската ЕКСИМ банка, додека останатите 10 отсто се издвоени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.