И по четири месеци од објавувањето на резултатите од архитектонскиот Конкурс за двата нови објекти во комплексот факултети на УКИМ, Министерството за образование и наука молчи околу организирањето на целокупната постапка за изготвување на проектната документација за идните згради на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и на Факултетот за физичко образование, наука и спорт. „Билд“ се обиде да стапи во контакт со надлежното министерство за да добие одговори на неколку прашања во врска со доведувањето на „барокот“ во универзитетскиот кампус на УКИМ, но оттаму не добивме никакви информации на оваа тема.
Од ова министерство не одговараат дали словенечкиот архитект Марко Мушич, како автор на изворното идејно решение на комплексот, е контактиран за консултација пред воопшто да се распише Конкурсот за избор на идејното решение во септември минатата година. Службите во надлежното министерство не се расположени да ја споделат одлуката на жири – комисијата, во која се образложува изборот на победничкиот авторски труд на распишаниот Конкурс. Нема информации ниту на прашањето кога ќе се организира архитектонска изложба на која би се изложиле сите седум конкурсни труда, со што пошироката јавност би се запознала со визијата на авторите во однос на двата нови објекти во кампусот факултети на УКИМ.
Од Министерството за образование и наука досега не излегоа во јавност со изработените визуелизации на двете нови зданија што ќе се градат во главниот град, на локацијата спроти трговскиот центар „Мавровка“. Единствените информации во врска со овој градителски проект протекуваат преку веб – страницата на Бирото за јавни набавки. Од она што веќе е познато, идејното решение за зградите во склоп на Универзитетскиот кампус на УКИМ е дело на авторот Жарко Чаушевски. Основниот проект за двата нови објекти ќе ги изработи студиото „Архитектоника“ од Скопје.
Бојан Блажевски