Претходна статија
Половина милион евра за реконструкција на седум училишта низ Македонија
Следна статија
Презентиран проектот за воведување Регистар на цени на недвижностите

Во сабота почнува изградбата на гасоводот кон Штип

Објавено на 12.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Руската компанија „Стројтрансгас“ денеска најави дека проектот за изградба на гасоводот од кумановското село Клечовце до Штип ќе започне за два дена. На церемонијата на поставување камен – темелник на магистралниот гасовод во должина од 60,8 километри веќе е објавено дека ќе присуствува македонскиот премиер Никола Груевски. Дијаметарот на гасоводните цевки изнесува 508 милиметри, а вкупниот капацитет за пренос на гас на годишно ниво не се соопштува. Ако се спореди со дијаметарот на цевките со други гасоводи во светот, тогаш може да се констатира дека тој ќе може да пренесува неколку милијарди кубни метри природен гас на годишно ниво.

 

 

Според информациите од официјалниот веб – портал на „Стројтрансгас“, изградбата на магистралниот гасовод до Штип ќе се заврши најдоцна до јуни 2016 година. Вредноста на проектот е 75,7 милиони долари, од кои 60 милиони долари произлегуваат од подмирувањето на клириншкиот долг од страна на Руската федерација. Изградбата на овој инфраструктурен објект побудува огромно внимание од светските медиуми. Глобалната новинска агенција „Ројтерс“ во денешниот текст напоменува дека гасоводот од Клечовце до Штип може да биде искористен за реализација на рутата на проектот „Турски поток“.

 

Агенцијата со седиште во Лондон наведува дека сопственикот на „Стројтрансгас“ е еден од најблиските сојузници на рускиот претседател Владимир Путин и е еден од првите деловни луѓе од Руската Федерација кои беа ставени на листата на санкции од Соединетите Американски Држави за време на кризата со руската окупација на полуостровот Крим. За овој проект денеска извести и водечката руска новинска агенција „РИА Новости“. Рускиот дневен весник „Комерсант“ пишува дека гасоводната мрежа може да се прошири кон Грција, и тоа најпрво кон ТЕЦ „Неготино“, а потоа и кон границата со Грција. Авторот на текстот дополнува дека магистралниот гасовод од Клечовце до Штип може да дозволи Македонија, Србија, Унгарија и Австрија да се снабдуваат со природен гас преку проектот „Турски поток“.

 

 

Бојан Блажевски