Деловен објект со приземје, шест ката и поткровје што ќе го испочитува „барокниот“ архитектонски правец ќе се гради кај спортско – рекреативниот центар „Кале“ во центарот на Скопје. Министерството за транспорт и врски денеска ја продаде атрактивната локација од 2.447 метри квадратни по 6.600 денари за метар квадратен, односно за вкупно 16.150.200 денари (околу 260.000 евра). Пред да почне со градење, инвеститорот треба да го достави изработеното идејно решение до Министерството. Посебна комисија ќе треба да ја одобри архитектурата од основниот проект, по што ќе се дозволи изградба на зацртаните деловни простории.
Името на компанијата што ја купи локацијата за градење под Скопското кале засега не се соопштува. Инвеститорот најпрво ќе треба да ги уплати финансиските средства за земјиштето, по што ќе се потпише и договорот за негово отуѓување. Рокот за прибавување на одобрение за градење е девет месеци, додека изградбата на зградата треба да се комплетира во временски период од 10 години од денот на издавање на градежната дозвола од општина Центар.
Текст, фото: Бојан Блажевски