Претходна статија
Сеопшт молк за најавениот „барок“ во комплексот факултети на УКИМ
Следна статија
Започна изградбата на гасоводот Клечовце - Штип

Финишира изградбата на ПЕТ Центарот во Скопје

Објавено на 14.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Австриската градежна компанија „Штрабаг“ ја привршува изградбата на Центарот за позитронска емисиона томографија – ПЕТ Центар, во кругот на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Објектот за новата здравствена установа со површина од 2.600 метри квадратни е речиси целосно завршен, додека Министерството за здравство во изминатиов период потпиша и договор за набавка на лабораториска опрема од италијанската компанија Comecer S.P.A. Станува збор за четири лаборатории за производство на флуородезоксиглукоза, за производство на пет радиофармацевтски препарати, за тераписко истражување како и за набавка, достава и инсталација на опрема за радијациона заштита.

 

 

Договорот за лабораториска опрема вреден околу 1,5 милиони евра е потпишан во декември минатата година, при што истиот треба комплетно да се реализира во временски период од 36 месеци. Надлежното министерство веќе постигна договор и за изработка на валидациски мастер план за производство на радиофармацевтици за ПЕТ Центарот, кој треба да биде завршен најдоцна до крајот на август годинава. Дел од преостанатата опрема беше нарачана уште пред почетокот на изведбата на градежните работи на новиот објект.

 

Изградбата на ПЕТ Центарот започна во ноември 2013 година. Проектната документација за објектот вреден 6,2 милиони евра ја подготви „Иванов Инженеринг“, додека надзорот на градежните работи го врши „Евро Консалтинг“. Како една од најновите достигнувања на медицинската наука, позитронската емисиона томографија се смета дека може да помогне во откривањето на многу болести, давањето прецизна дијагноза и ефикасна терапија на болните лица. Во новиот здравствен објект ќе се врши дијагностицирање и пронаоѓање на малигни клетки во телото на пациентите.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски