Продолжува изведбата на новата административна зграда на општина Карпош [»мапа], иако градежните активности се одвиваат со намален интензитет. Бугарската компанија „Неотех инженеринг“ од Софија во изминативе шест месеци успеа да ја доведе општинската зграда на ниво на карабина, со целосно завршени надворешни ѕидови и преградни ѕидови. Работниците на терен во моментов работат на изведба на фасадното обликување на објектот.
Во следната фаза, градежните работници треба да ја постават стаклената површина на објектот однадвор, но и замислените куполи на неговиот покрив. Ентериерното уредување и опремувањето на објектот треба допрво да се реализира, со што речиси е извесно дека крајниот рок за завршување на проектот повторно ќе се пролонгира. Кога се потпиша договорот со бугарската фирма на почетокот од минатото лето, ветувањето беше дека севкупните активности за изградба на новата административна зграда ќе завршат за 12 месеци.
Општинската зграда во Карпош се гради веќе две години и пет месеци. Нејзиниот камен – темелник беше поставен во октомври 2012 година, кога беше ветено дека административните простории ќе бидат готови за осум месеци. За издигнување на овој објект од локалниот буџет на Карпош се издвоени финансиски средства во висина од околу 1,4 милиони евра. Проектант на општинската зграда е фирмата „Бортас“, додека надзорот над градежните работи го врши „Карапанчевски компани“.
» Форумска дискусија за овој проект
Текст, фото: Бојан Блажевски