Набрзина се турка изградбата на двата нови објекти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје кај кампусот факултети на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Министерството за образование и наука пред речиси две недели склучило договор со фирмата „Архитектоника“ од Скопје за изработка на основни проекти за овие два објекти, кој најверојатно ќе го следат „барокниот“ архитектонски правец од владиниот проект „Скопје 2014“. Новите згради треба да се градат на местото на постоечкото зеленило, меѓу објектот на Ректоратот и булеварот Крсте Мисирков.
Целокупната проектна документација е предвидено да се комплетира во временски период од само два месеци, и тоа врз основа на победничкиот архитектонски труд на авторот Жарко Чаушевски. Овој архитект изработи бројни зданија од владиниот проект „Скопје 2014“, во кој доминираат протежираните архитектонски стилови: „барок“, „класицизам“ и „неокласицизам“. На распишаниот Конкурс во декември минатата година, Жарко Чаушевски ги освои двете награди во вкупен износ од 600.000 денари. Дополнителни 18.762.000 денари (околу 300.000 евра) од буџетот на Министерството за образование и наука ќе се одвојат за изработка на основните проекти за двете зданија.
И покрај силните притисоци од архитектонската јавност, Министерството за образование и наука досега не објавило ниту еден податок околу најавениот градителски потфат. Не се објавени визуелизации за идните образовни објекти, нема информации за висината на финансиските средства што ќе се потрошат од државниот буџет за оваа намена, нема податоци дали авторот на идејниот проект за Универзитетскиот кампус на УКИМ е информиран за промените што ќе ги претрпи неговото дело, ниту пак се објавува катноста и вкупната бруто површина на која ќе се простираат идните згради.
Автор на изворниот архитектонски труд за објектите на Правниот, Филозофскиот и на Економскиот факултет е познатиот словенечки архитект Марко Мушич, кој во моментов е и претседател на Словенечката академија на науките и уметностите. Овој комплекс претставува еден од симболите на постземјотресно Скопје, кој е комплетиран како проект во 70-те години на минатиот век. Градежното земјиште на кое се наоѓа Универзитетскиот кампус на УКИМ се наоѓа на територијата на општина Центар, што подразбира дека оваа локална самоуправа треба да ја издаде градежната дозвола за евентуалната изградба на најавениот „барок“.
Бојан Блажевски