По неколкумесечна пауза во изведувањето на објектот, градежните активности на новото средно училиште во скопски Сарај наскоро ќе продолжат. Министерството за образование и наука потпиша договор со фирмата „Феџо-компани“ од селото Слатина за довршување на веќе започнатиот училишен објект. Од државниот буџет за оваа намена се предвидени 32.538.932 денари, односно околу 530 илјади евра. Објектот ќе има површина од 1.700 метри квадратни, осум училници, четири кабинети и една училница – работилница.
Градежните работи за целосно довршување на образовниот објект треба да се комплетираат во рок од седум месеци. Средното училиште во скопски Сарај започна да се гради во јули 2013 година, а првичните најави беа дека истото ќе се заврши за една година. Наместо ветувањата, на објектот досега не е довршена ниту бетонската конструкција. Проектната документација за училишната зграда е изработена од страна на „Идеја плус“.