Градежната компанија „Бетон“ од Штип за речиси три пати ја зголемила вкупната добивка од своето работење во текот на 2014 година. Според објавениот неконсолидиран и неревидиран извештај на сајтот на Македонска берза, реализираните градежни проекти на оваа фирма и донеле вкупна добивка во висина од 93.942.000 денари или околу 1,5 милиони евра, односно за 297% повеќе во споредба со 2013 година. Оперативните приходи на штипски „Бетон“ минатата година пораснале на 824.639.000 денари, што е за 72% повеќе во однос на 2013 година. Најголемо зголемување е забележано кај изведените проекти на домашниот пазар.
Истовремено, оперативните расходи на градежната компанија раснеле со смалено темпо и истите изнесуваат 745.742.000 денари, односно се зголемени за 64% во споредба со претходната година. „Бетон“ од Штип во моментов работи на изведба на класицистичката фасада на административно – деловниот објект на МЕПСО во центарот на Скопје, додека во изминатите години учествуваше во изградбата на Стариот театар, Археолошкиот музеј, музејскиот комплекс „Македонска борба“, како и на станбено – деловни објекти.