Објавен е оглас за продажба на три градежни парцели наменети за изградба на винарии во општина Дебарца, лоцирана во охридскиот регион. На потенцијалните инвеститори им се нудат парцели со површина од 2.186, 2.437 и 2.644 метри квадратни во месноста Подлабинци, село Мешеишта. Урбанистичкиот план дозволува изградба на винарии со максимална висина до венец од 12 метри, со приземје и два ката. Почетната цена изнесува 61 денари за метар квадратен. Заинтересираните треба да ги достават своите понуди за учество на електронската лицитација најдоцна до 24 март, a јавното наддавање по електронски пат ќе се одржи на 31 март. Најповолните понудувачи за локациите за градење на винариите ќе бидат должни да обезбедат градежни дозволи од општина Дебарца во рок од девет месеци, сметано од денот на извршената солемнизација на купопродажниот договор.