Новите плажи на Преспанското езеро со вкупна должина од 600 метри ќе го чинат македонскиот државен буџет речиси 1,5 милиони евра. Министерството за транспорт и врски потпиша договор со скопската фирма „КОНСТРУКТОР Рената и ДР. ДОО“, во согласност со кој ќе се потрошат 91.162.256 денари за уредување на крајбрежниот појас во населбата Стење, во должина од 500 метри и во населбата Сливница, во должина од 100 метри. Проектот ќе се реализира врз основа на изготвеното идејно решение од архитектот Васко Крстевски.
Изведбените работи ќе се одвиваат во период од шест месеци. Преспанските плажи ќе добиат нов песок, хортикултурно уредување, ќе се постават тушеви, санитарни јазли, урбана опрема, чадори, лежалки, шанк за услужување на посетителите и други пропратни содржини. Минатото лето, ова министерство склучи друг договор за изведба плажа во Преспа, при што за нејзината реализација тогаш беше предвидено да се издвојат 39.990.200 денари.