Според податоците на Државниот завод за статистика, раководителите на деловните субјекти од областа на градежништвото ја оценија економската состојба во четвртото тримесечје од 2014 година како поповолна во однос на претходното тримесечје, а поповолна и во однос на четвртото тримесечје од 2013 година. Оценката за финансиската состојба на нивните деловни субјекти е дека се наоѓа на исто ниво како во претходното тримесечје, но е подобра во споредба со четвртото тримесечје од претходната година.
Во четвртото тримесечје од 2014 година, очекувањата за бројот на вработените во наредниот период се на еднакво ниво како и претходното тримесечје, оценката за тековната состојба со порачки е понеповолна во споредба со претходното тримесечје, очекувањата за вкупните договори во наредните три месеци се дека ќе се зголемат, а бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата се над нормалата. Во наредниот период се очекува да се намалат продажните цени.
Најголемо влијание на ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат следните фактори: немањето побарувачка со 21,8%, неповолните временски услови со 15,5%, конкуренцијата во сопствениот сектор со 12,2%, и зголемените трошоци за материјали со 11%, се наведува во соопштението на Државниот завод за статистика.