Продолжува проектот за зачувување на фасадите на објекти од староградската архитектура во македонските градови. Денеска беше промовиран најновиот реставриран објект во Кичево, кој претставува споменик на културата од прва категорија. Се работи за комплексна, планска градба од типот на двојна куќа со препознатливи архитектонски карактеристики за цивилни објекти, со декоративни елементи на фасадата од неоренесансата и неокласицизмот. Градбата датира од 1934 година, а досега имала различни намени, од затвор и локална болница, до семејна куќа.
* Извор на фотографија: Министерство за култура
Конзерваторско – реставраторските работи на фасадата и на покривот од објектот се изведени во согласност со проектот на Националниот конзерваторски центар – Скопје. За реализација на зафатот беа потребни 1,8 милиони денари. Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска најави дека во текот на оваа година во Кичево ќе се реставрира уште еден објект од староградската архитектура – куќа лоцирана во кичевската чаршија.