Британската информатичка фирма „Ендава“ денеска ги пушти во употреба своите работни простории во центарот на Скопје. Во објектот „Кале“ (кој е дел од комплексот на Меморијалниот центар на холокаустот) за кој „Ендава“ има потпишано петгодишен договор за наем, во иднина ќе најдат работа околу 400 лица. На површина од 3.000 метри квадратни е сместен канцелариски простор 19 сали за состаноци, делови за релаксација, како и оддел за игри и простор за рекреација на вработените. Ентериерното уредување е дизајнирано во согласност со највисоките светски стандарди од информатичката индустрија. На денешната свечена манифестација присуствуваа македонскиот премиер Никола Груевски и извршниот директор на „Ендава“ Џон Котерел. Оваа компанија досега има отворено 11 канцеларии низ светот, и тоа во Велика Британија, САД, Германија, Романија, Молдавија, вклучувајќи ја и Македонија.