Претходна статија
Се докомплетира документацијата за автопатот Гостивар - Кичево
Следна статија
Русинот Самсоненко ќе го гради спортскиот комплекс во Градски парк

Граѓаните против изградба на викенд – населба во Лазарополе

Објавено на 05.02.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Граѓанската иницијатива „Заштита на убавините на Лазарополе“ се противи на изградбата на нова викенд – населба во ова населено место, кое се наоѓа во рамки на Националниот парк „Маврово“, јавува радио „МОФ“. Граѓаните веќе го искажуваат своето незадоволство на социјалната мрежа „Фејсбук“ по неодамнешната одлука на Владата на Република Македонија за пренаменување на земјоделското земјиште во градежно, со што се овозможува изградба на викенд – населба со викендички, два хотела и хелиодром. Станува збор за земјиште со површина од 416.369 метри квадратни, за кое е донесена одлука на 27 јануари 2015 година.

 

Незадоволството на дел од граѓаните произлегува од брзината на донесување на владината одлука, без притоа да се изврши консултација со сопствениците на тамошните парцели. Дел од нив сметаат дека со одлуката за изградба на викенд – населба во Лазарополе ќе се наруши природниот баланс на овој регион од земјата и ќе се направи штета на една од последните недопрени, еколошки чисти средини во Македонија.

 

Големите градежни зафати во склоп на Националниот парк „Маврово“ веќе се предмет на сериозна критика од страна на домашните невладини организии, но и на странските екологисти. Енергетските проекти „Бошков мост“ и „Луково поле“ се најдоа и пред разгледување на Постојаниот комитет на Бернската конвенција при Советот на Европа, додека минатата година беше организирана меѓународна петиција против изградбата на брани во овој национален парк, која беше потпишана од дури 100.000 граѓани.