Реализацијата на експресниот пат Штип – Кочани ќе се одолжи. По неуспешниот тендер за избор на проектантско биро за изработка на документацијата, Јавното претпријатие за државни патишта денеска објави нов оглас за пронаоѓање на соодветен субјект што ќе ја состави проектната документација за планираниот полуавтопат со должина од 26 километри. Проценето е дека оваа фаза од остварувањето на инфраструктурниот проект ќе чини 20.000.000 денари или околу 325 илјади евра. Според објавените информации, времетраењето на договорот ќе биде 10 месеци. Во овој временски период е неопходно да се комплетира проектот, по што ќе следува публикувањето тендер за избор на изведувач. За ексресниот пат веќе се обезбедени потребните финансии преку неодамна подигнатиот заем во висина од 160 милиони евра од Европската банка за обнова и развој.
Планираниот полуавтопат меѓу Штип и Кочани со должина од 26 километри ќе се состои од две коловозни ленти со ширина од по 3,5 метри и две помошни ленти за застанување од по 2,45 метри. Овој инфраструктурен проект всушност означува реконструкција и надградба на постоечкиот магистрален пат што ги поврзува двата града од источна Македонија.