Заводот и музеј – Прилеп продолжува со подготвителните активности за повторна изградба на конаците на манастирот Трескавец. Директорката на културната установа Гордана Д. Спироска денеска изјави дека тендерот за изведба на западниот и на северниот конак ќе биде објавен во март, додека во мај годинава ќе се публикува и тендерот за изградба на источниот конак и на параклисот. Градежните работи би започнале најрано во текот на летните месеци. Проекциите на Завод и музеј – Прилеп се дека конзервацијата на црквата, трпезаријата, магерницата и на камбанаријата би завршиле до крајот на оваа година.
* Извор на фотографија: Министерство за култура
Информациите говорат дека целиот зафат за обнова на манастирот Трескавец би бил комплетиран до 2018 година. Конаците на овој значаен културно – уметнички споменик изгореа во големиот пожар на 4 февруари 2013 година.