Министерството за транспорт и врски денеска објави оглас за продажба на пет градежни парцели наменети за изградба на објекти од лесната и незагадувачка индустрија, сервиси и стоваришта во локалитетот Стопански Двор во скопската општина Ѓорче Петров. На домашните и на странските инвеститори им се нудат парцели со површина од 4.821 до 7.433 метри квадратни (вкупната површина на огласеното земјиште изнесува 32.895 метри квадратни). Дозволената катност на објектите е П+1. Заинтересираните субјекти треба да ги достават пријавите за учество на електронското јавно наддавање најдоцна до 11 март, а истото ќе се одржи на 18 март. Почетната цена за парцелите изнесува 61 денар за метар квадратен.