Пред да преземат какви било чекори за намалување на загадувањето од РЕК „Битола“, Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) најпрво ќе работат на изготвување физибилити студија за да пронајдат адекватни модалитети за прекин на натамошното загадување од најголемиот енергетски капацитет во земјава. Државната компанија распиша оглас за пронаоѓање консултантска куќа што ќе ја изработи физибилити студијата за модернизација и ревитализација на РЕК „Битола“.
Во третата фаза од реализацијата на овој долгогодишен проект, предвидено е идните советници да предложат конкретни чекори врз основа на кои ќе се намалат оксидите на сулфур и прашина кои произлегуваат од согорувањето на јагленот во термоелектраната. Оваа физибилити студија треба да биде дополнета и со решенија за влијанието на сите други штетни материи што излегуваат од РЕК „Битола“, кои меѓудругото, се одговорни за високо ниво на загаденост на воздухот во Битола и во преостанатите општините од југот на Пелагонија. Оние советодавни компании што се заинтересирани да учествуваат на распишаниот оглас, треба да ги достават своите понуди најдоцна до 2 февруари.
Во согласност со објавениот Инвестициски план на ЕЛЕМ за периодот до 2017 година, Студијата за десулфуризација на излезните гасови од котлите на битолската термоелектрана е изработена уште пред неполни три години. Главната цел за реализација на третата фаза од проектот за модернизација и ревитализација на ТЕ „Битола“ е да се обезбедат бараните параметри за излезни гасови во согласност со директивите на Европската унија, во кои јасно се нагласува дека сулфурните оксиди треба да се ограничат на 200mg/Nm².
Бојан Блажевски