Претходна статија
Се продава градежно земјиште во Пехчево
Следна статија
Првата финансиска зона ќе се гради во скопската касарна Илинден

Наместо катна гаража, општина Центар ќе гради училиште

Објавено на 24.01.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Советот на општина Центар на вчерашната седница донесе одлука за раскинување на договорот за долгорочен кредит за изградба на катна гаража до зградата на поранешна НИП „Нова Македонија“ во центарот на Скопје. Наместо барокна катна гаража во вредност од околу 3,78 милиони евра, општина Центар планира да го гради ветеното училиште во населбата Капиштец. Раскинатиот договор во висина од 3 милиони евра помеѓу Комерцијална банка и локалната самоуправа најверојатно ќе биде заменет со нов кредит, кој допрва треба да биде подигнат од некоја од банкарските институции.

 

 

 

Во образложението на одлуката за раскинување на договорот стои дека по започнување на градбата на објектот, се утврдило дека буџетските приходи не се доволни да ги покријат планираните трошоци и дека приоритет се дава за изградба на ново основно училиште и на градинката Кочо Рацин, која веќе е во фаза на изведба. Катната гаража кај НИП „Нова Македонија“ стартуваше со градба во февруари 2013 година, само еден месец пред локалните избори. Објектот со планирани седум нивоа над земја и едно подземно ниво не доби ниту темели во целиот изминат период.

 

Ветеното ново основно училиште во Капиштец е во рана фаза на реализација. Досега е избрано идејно решение, врз чија основа треба да се изготви основен проект. По средувањето на проектната документација, општина Центар треба да распише и тендер за избор на градежна компанија за изведба на објектот. Пред овие конкретни активности, неопходно е да се изнајдат финансиски средства за проектот.