Претходна статија
Тендер за изградба на нов парк во Аеродром
Следна статија
Се подготвува терен за градење во Студенчишко блато во Охрид

ФОТО ВЕСТ: Бавно тече реконструкцијата на пругата Куманово – Бељаковце

Објавено на 22.01.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Наместо работници и градежна механизација, долж пругата од Куманово до селото Бељаковце во студените јануарски денови може да се сретнат единствено екипи кои ја обезбедуваат инфраструктурата од крадци. И по 10 месеци од почетокот на градежните работи за реконструкција на оваа железничка делница, на терен се одвиваат единствено минимални градежни активности. Екипите на германската компанија „Вибе“ во моментов работат на изградба на планираниот мост кај кумановското село Лопате. Кај ова населено место започнува пругата од Коридорот 8, и воедно, токму тука треба да се изведе нова железничка станица.

 

„Билд“ направи обиколка на дел од железничката траса во кумановскиот регион. Врз основа на ситуацијата на терен, може да се забележи дека некогашната дотраена пруга е целосно извадена. Шините и бетонските прагови поставени во 90-те години од минатиот век се отстранети од изведувачот на работите, но притоа не е започнато поставувањето на планираниот горен и на долен строј од ветената нова пруга. Мостовите стари неколку децении што минуваат низ Куманово и понатаму остануваат нереконструирани, иако и тие треба да се санираат. Првичните информации при отпочнувањето на градежниот зафат во март минатата година говореа дека целосната рехабилитација на пругата ќе заврши до 2016 година.

 

Пругата од Куманово до Бељаковце е со должина од 30,8 километри. За нејзината реконструкција се издвоени финансиски средства во износ од преку 50 милиони евра, во најголем дел обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД). Со планираниот зафат ќе се изгради едноколосечна пруга, три железнички станици, четири стојалишта, еден тунел, три мостови, осум подвозници и шест надвозници. Изведувачот на работите треба да ја електрифицира пругата, да постави кабелски водови, заштитни бариери и нови сигнални и телекомуникациски уреди.

 

####

####

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски