Денеска беше пуштена во употреба првата детска градинка во скопската населба Припор. Новата градинка „Стапалче“, во рамки на Детската градинка „8 Март“, има капацитет да прими 75 дечиња и располага со две занимални, една повеќенаменска просторија и јасли наменети за најмалите дечиња.
На отворањето присуствуваа министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалничката на општина Кисела Вода Билјана Беличанец – Алексиќ. „Министерството за труд и социјална политика ја обезбеди опремата целосно за овој објект додека општина Кисела Вода инвестираше во реконструкција, адаптација на целокупниот процес што е значителна инвестиција од страна на општината“ изјави министерот Спасов. Од општинскиот буџет на Кисела Вода за новата градинка „Стапалче“ беа одвоени 12,3 милиони денари. Со заедничка инвестиција, пред еден месец беше отворена градинка и во населбата Црниче. Од локалната самоуправа соопштуваат дека во наредниот период предвидуваат изградба на дополнителни две градинки.
Во согласност со четиригодишната програма за работа на Министерството за труд и социјална политика, во македонските општини треба да се изградат вкупно 40 градинки или по околу 10 вакви образовни установи во текот на една година.