Ниту студеното време не ги поколеба градежниците да продолжат со изградбата на планираниот административен објект на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ). На местото на некогашниот парк на улица „Македонија“ во центарот на Скопје, во моментов се привршуваат работите на карабината на објектот во класицистички архитектонски стил во склад со владиниот проект „Скопје 2014“. Канцеларискиот простор за оваа државна компанија се изведува веќе една и пол година и досега се потрошија преку 14,6 милиони евра, вклучувајќи го и неодамна склучениот договор во вредност од над 186 милиони денари за „непредвидени работи“ при реализацијата на градежните активности. Австриската компанија „Штрабаг АГ“ се јавува како изведувач на проектот.
Последниот склучен договор предвидува изградбата да продолжи до крајот на 2015 година. Државната компанија ЕЛЕМ ќе се смести во простор со површина од 9.130 метри квадратни. Архитектонската идеја за оваа зграда е производ на авторите Лазар Димов, Жарко Чаушевски и Стефан Смилевски, а проектната документација ја има изработено фирмата „Неимар инженеринг“. Поради сечењето на дрвјата од некогашниот парк, граѓаните од околните згради организираа протестни собири против изградбата на објектот.
Текст, фото: Бојан Блажевски