Меѓународните екологисти повторно ги критикуваат инфраструктурните проекти на македонската влада. Експресниот пат од Охрид до селото Пештани наиде на критика од „Бенквоч“, меѓународна еколошка организација која го мониторира штетното влијание на инфраструктурните проекти во Југоисточна Европа што се градат со кредити од водечките финансиски институции во светот. Како што пренесува информативниот портал „Нова ТВ“, експресната патна врска во рамки на Националниот парк „Галичица“ е закана за пејсажот и биодиверзитетот на најголемиот македонски туристички локалитет.
„Апсурдно е да се уништи споменик на УНЕСКО и Националниот парк „Галичица“ за да се претвори Охридското езеро во транзитно место до морето. Македонските пратеници треба да ја преиспитаат рационалноста на оваа инвестиција. Несфатливо е како овој инфраструктурен проект ќе го поттикне регионалниот развој, доколку го оштети едно од главните туристички локации во Македонија?“, се прашува Фиданка Бачева Мекграт од меѓународната еколошка организација „Бенквоч“. Екологистите потсетуваат дека УНЕСКО веќе покажала загриженост поради инфраструктурното планирање на охридскиот регион.
Македонските пратеници во текот на утрешниот ден треба да го изгласаат новиот заем во висина од 160 милиони евра што е планирано да го подигне нашата земја. Европската банка за обнова и развој ќе ги обезбеди финансиските средства за неколку патни правци, меѓу кои е и експресниот пат од Охрид до селото Пештани. За овој проект веќе е изработен основниот проект од скопското друштво за консалтинг и инженеринг „Чакар партнерс“, за што од државниот буџет беа потрошени 1,3 милиони евра. Со новото задолжување од европските финансиски институции ќе се реализира единствено првата фаза од обемниот зафат, кој предвидува целосно нов пат од Охрид до граничниот премин Свети Наум.
Патот ќе започнува кај охридското село Косел и е предвидено да има две коловозни ленти со широчина од по 3,75 метри, а вкупната должина ќе биде 39 километри. Според првичните најави, овој пат ќе се гради на планината Галичица над постоечкиот пат Охрид – Пештани, со што би можело да се загрози голем дел од растителниот и животинскиот свет. Ако се суди според владината програма за развој на инфраструктурата, планираниот експресен пат би се реализирал најдоцна до 2019 година.
Бојан Блажевски