Претходна статија
Општина Аеродром ги обелодени плановите за 2015 година
Следна статија
Возниот ред на Македонски железници пред колапс

Продолжен рокот за избор на компании што ќе ја гасифицираат земјава

Објавено на 05.01.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонската влада го продолжи рокот за доставување пријави за учество во јавно – приватното партнерство за изградба на дистрибутивна гасоводна мрежа во 63 општини во источна и во западна Македонија. Новиот краен датум е 15 февруари, по што треба да се заокружи првата фаза од доделувањето на договорот за јавно – приватно партнерство. Конкретен рок за комплетирање на овој крупен инфраструктурен проект не е соопштен. Засега се објавени информации дека две приватни компании или конзорциуми во источна и во западна Македонија треба да изградат дистрибутивна гасоводна мрежа во должина од 650 километри, односно да инвестираат 150 милиони евра во гасификацијата на земјава.

 

Најповолните понудувачи ќе бидат должни да го изведат дистрибутивниот гасовод до крајните потрошувачи, вклучувајќи ја и опремата за мерење и регулација, да вршат дистрибуција на природен гас, да управуваат со системот за дистрибуција, да го одржуваат и развиваат дистрибутивниот систем и да инвестираат во адаптација и набавка на опрема за производство на топлинска енергија кај сегашните објекти. За возврат, финансиските приходи од дистрибуцијата на гасот во наредните две децении ќе ги прибираат одбраните приватни компании, но ќе уплаќаат и годишен надоместок во државниот буџет во износ од еден процент од добивката.

 

Македонската влада одлучи гасификацијата во земјава да ја реализира етапно, по пат на поделба на сите локални самоуправи во три региони. Покрај источна и западна Македонија, во моментов се очекува и објавувањето на финалните информации за најповолниот понудувач што ќе ја гради дистрибутивната гасоводна мрежа во скопскиот регион. Изборот треба да падне помеѓу италијански „ЦПЛ Конкордиа“ и турската компанија „Аксо енерџи“.

 

 

Бојан Блажевски