Првиот човек на општина Аеродром, Ивица Коневски, денеска ги најави капиталните проекти кои општинарите планираат да ги реализираат оваа година. Жителите на Аеродром ќе добијат нов парк спроти „Мајчин дом“ со површина од 2.319 метри квадратни, во кој ќе има езеро со фонтани и водопади, река и детско игралиште. Старите дрвја на таа локација ќе се задржат, но ќе биде засадено и ново зеленило (нискостеблести растенија и цвеќиња). Општината ќе се погрижи и за унапредување на постојните зелени површини во населбата „13 Ноември“, со изградба на систем за автоматско наводнување.
Во соработка со Светска банка и Агенцијата за државни патишта ќе се обновуваат улиците „Тодор Чангов“ и „Горно Лисиче“. Планирана е доизградба на сервисната улица покрај булеварот „АСНОМ“, изградба на комунална инфраструктура на улицата „Анастас Митрев 3“ во Мичурин, изградба на инфраструктура во населбата Стар Аеродром, нова пристапна улица кон локалитетот „Индустриска зона“ и нови пешачки патеки и тротоари на повеќе локации. Во Горно и Долно Лисиче ќе се работи на фекалната канализација, а во Горно Лисиче ќе се изведува и атмосферска канализација. Општина Аеродром, една од најбогатите во државава, годинава планира вкупни буџетски расходи во висина од 17 милиони евра.