Големата годишна награда на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2014 година ја добија архитектите Ѓоко Радовановиќ и Горан Тодоровиќ од проектантската куќа „Радо Инженеринг“ за проектот Спортски центар „Јане Сандански“ во скопската општина Аеродром. Претседателот на државата Ѓорге Иванов, како покровител на манифестацијата, им ја врачи наградата на овогодинешните добитници. Архитектите добија и авторски хонорар од Македонската авторска агенција. На распишаниот повик на ААМ пристигнаа четири авторски труда што учествуваа во процесот на селекција на најквалитетното и најиздржано архитектонско дело.
Овогодинешниот Претседател на жири – комисијата за доделување на наградата, архитект Вера Ќосевска го образложи процесот на анализа на пристигнатите авторски творби. При валоризацијата на реализираните проекти беа земени во предвид неколку критериуми, меѓу кои архитектонските квалитети, вклопеноста на објектот во локалитетот, неговиот волумен и функционалност. Како проектантска творба без негативни забелешки, архитектката Вера Ќосевска го издвои спортскиот центар „Јане Сандански“. Големата годишна награда на ААМ се доделува по 20-ти пат, под покровителство на Претседателот на Република Македонија.
Покрај спортскиот центар „Јане Сандански“, во трка за наградата оваа година беа и новиот објект на Министерството за финансии во центарот на Скопје, комплексот „Капитол мол и резиденс“ во населбата Аеродром и новото здание на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинов“ во Велес.
Минатата година за најуспешно реализирано архитектонско дело беше прогласен објектот „Сектрон“ во скопски Капиштец.
Бојан Блажевски