По бројните измени и дополнувања во изминативе неколку години, Владата подготви нов Предлог – закон за градежно земјиште, кој претстојниов понеделник ќе се најде на прво читање пред пратениците од собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе биде институцијата што ќе го продава градежното земјиште во идните туристички развојни зони, меѓу кои е и долгонајавуваната и контроверзна зона во Љубаништа. Освен оваа институција, во иднина градежното земјиште ќе може да отуѓува и Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони во однос на парцелите што се лоцирани во индустриските зони, исто како и македонските локални самоуправи, Градот Скопје, но и Министерството за транспорт и врски.
Во оние случаи кога не е префрлено земјиштето на општините, постапката за отуѓување и давање на градежните парцели под долготраен закуп ќе ја врши Министерството за транспорт и врски, и тоа од посебна петочлена комисија формирана од самиот министер. Оваа одредба и понатаму ќе продолжи да важи за општина Центар, бидејќи надлежното министерство и ги нема префрлено ингеренциите на актуелното раководство на оваа локална самоуправа. Покрај по пат на електронско јавно наддавање, со Предлог – законот за градежно земјиште се определува и начинот на продажба и давање под закуп на земјиштето по принципот на непосредба спогодба.
Како и досега, институциите што го продаваат градежното земјиште ќе можат да побараат серија од критериуми за реализација на отуѓувањето на земјиштето, меѓу кои е и барањето за фасадно обликување на идниот објект според претходно изготвено и одобрено идејно решение, принцип кој досега функционираше за централното градско подрачје на Скопје. Предвидено е новиот закон да стапи во сила од 1 јули 2015 година. Во претстојната собраниска процедура е можно да претрпат измени дел од предложените членови од новиот Закон за градежно земјиште.
Бојан Блажевски