Претходна статија
Реконструираните куќи ќе куртулат од енергетски пасош
Следна статија
Путин најде нова траса за „Јужен поток“ - Македонија транзитна земја?

Македонија очекува приклучок кон брзата пруга Белград – Будимпешта

Објавено на 17.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Српскиот премиер Александар Вучиќ и неговиот кинески колега Ли Кечијанг денеска го потпишаа договорот за проектирање и изградба на брзата пруга од Белград до Будимпешта. Со овој чекор започнува реализацијата на големиот кинески проект за изведба на брза железничка врска помеѓу Атина и Будимпешта, која што треба да минува низ Македонија. Државната кинеска компанија „Коско“ веќе неколку години стопанисува со грчкото пристаниште во Пиреја, па се очекува дека изградбата на брзата пруга низ Грција, Македонија и Србија ќе го зголеми протокот на стоки од Кина кон Централна Европа. Пругата од Белград до Будимпешта ќе биде долга 350 километри, ќе чини од 1,5 до 2 милијарди долари, а се очекува да биде завршена најдоцна до јуни 2017 година, јавуваат српските медиуми.

 

 

 

Со новата железничка делница од Белград до Будимпешта се очекува да се скрати времето на патување меѓу двете метрополи од 8 на 2,4 часа, при што брзината на движење на возовите се очекува да изнесува 160 километри на час. Засега не се соопштува моделот на реализација на овој градителски проект, но во српските медиуми се наведува дека изведбата на пругата би се одвивала по моделот на јавно – приватно партнерство или по пат на концесија. Договорот за изградба на брзата пруга Белград – Будимпешта беше потпишан во српската метропола во присуство на македонскиот премиер Никола Груевски и на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Во пакет со договорот се потпишани и договори за соработка на железниците на Србија и Унгарија и на царинските власти на овие две земји.

 

Министерството за транспорт и врски на нашата земја денеска излезе со соопштение, во кое се наведува дека поврзувањето на српската и унгарската метропола е само прв дел од брзата пруга што треба да минува Унгарија, Србија, Македонија и Грција. Засега не се соопштуваат дополнителни информации околу проширувањето на овој проект кон Македонија. Какви било решенија за железничко поврзување со кинеска финансиска помош треба допрва да се договараат. Сепак, НР Кина на Самитот во Белград јасно укажа дека е заинтересирана целосно да ја изгради брзата пруга од Будимпешта до Атина.

 

„Изградбата на овој проект ќе послужи за развојот на регионот и ќе помогне да се олеснат интересите на Кина и на земјите од Источна и Централна Европа. Изградбата на пругата ќе помогне да се унапреди логистиката помеѓу четирите земји и ќе го олесни протокот на лица, стоки и капитал. Проектот воедно ќе помогне да се воспостави коридор и рута за размена на стоки меѓу Кина и Европа. Се надеваме дека ќе има уште вакви траси“, изјави кинескиот премиер Ли Кечијанг.

 

 

Бојан Блажевски