Претходна статија
Обзнанета комисијата што го избра дизајнот на двете нови згради во кампусот на УКИМ
Следна статија
Реконструираните куќи ќе куртулат од енергетски пасош

Малцинство советници ќе можат да менуваат урбанистички планови!

Објавено на 16.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Опозициската партија ВМРО-ДППМНЕ во Советот на општина Центар ќе може да го менува урбанистичкиот план „Мал Ринг“. Оваа опција излегува на површина со најновиот Предлог – закон за просторно и урбанистичко планирање, кој денеска се најде на прво читање во Собранието на Република Македонија. Преостанатите опозициски пратеници, заедно со дел од пратениците од власта реагираа на ваквиот предлог на македонската влада. „Советот на општината Центар е целта, најбогатата општина, општината во која ќе трошите милиони евра за Панорамско тркало“, рече пратеничката Солза Грчева.

 

 

 

Заменик министерот за транспорт и врски изјави дека новото законско решение е „понапредно од постоечкото“, укажувајќи дека во него не било регулирано ова прашање, односно дека може да се гласа и одлучува со просто мнозинство. Против ваквата одлука се изјаснија и пратеникот на ДУИ Рамиз Мерко и пратеничката Лилјана Поповска. Со најновиот предлог на македонската влада, се предлага една третина од советниците во општинските совети да можат да доставуваат предлог за донесување на предлогот на планот до претседателот на Советот на општината. Откако ќе предложат свој урбанистички план, малцинските советници ќе можат да го изгласаат урбанистичкиот план.

 

„Урбанистичкиот план се смета дека е донесен доколку за одлуката за донесување на урбанистичкиот план гласале најмалку 1/3 од вкупниот број членови на Советот на општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје“, се наведува во Предлог – законот за просторно и урбанистичко планирање. Со ваквата одлука се задира во самите темели на политичкиот систем, кој препознава функционирање на власта од страна на мнозинската политичка партија или личности што победиле на изборите. Покрај тоа што ќе може да се надоградува владиниот проект „Скопје 2014“, овој предлог би можел да предизвика хаос и во другите локални самоуправи во Македонија, бидејќи во многу од нив опозицијата има една третина од вкупниот број на советници. И покрај овие факти, Собранието на Република Македонија денеска го поддржа првото читање од Предлог – законот за просторно и урбанистичко планирање.

 

 

Бојан Блажевски