Претходна статија
Војниците можеби ќе дочекаат стан од проектот „АРМ - мој вистински дом“
Следна статија
Малцинство советници ќе можат да менуваат урбанистички планови!

Обзнанета комисијата што го избра дизајнот на двете нови згради во кампусот на УКИМ

Објавено на 16.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Просторот на кој ќе се градат новите факултети Медиумите ги открија членовите на жири – комисијата којашто го избра дизајнот на двете нови згради што ќе се градат во комплексот факултети на УКИМ – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Според пишувањето на информативниот веб – портал „Плусинфо“, доставените идејни решенија на архитектите се вреднувани од жири – комисија формирана од Министерството за образование и наука, во состав: Александар Јанакиевски, раководител на секторот за урбанизам во Град Скопје; Вујица Живковиќ, декан на Факултетот за физичка култура при УКИМ; Кристина Радевски, вработена во општина Охрид; Наташа Хаџи Лега, поранешна директорка на Директоратот за технолошко индустриски развојни зони и Милош Стокуќа.

 

Заедно со министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми, оваа жири – комисија досега не излегла пред македонската јавност за да ја презентира одлуката за избор на најуспешните архитектонски трудови, што претставува вообичаена пракса при распишувањето на архитектонски Конкурси. Колку за споредба, Министерството за култура пред една година јавно излезе и ги обелодени резултатите од Конкурсот за избор на идејно решение за новиот објект на Универзална сала, заедно со образложение за одбраниот најуспешен архитектонски труд. Покрај тоа што не го следат овој позитивен пример од работењето на самата влада, од Министерството за образование и наука не излегуваат ниту со визуелно прикажување на најуспешните идејни решенија за двете нови зданија во рамки на кампусот на УКИМ.

 

Идејните решенија на авторот Жарко Чаушевски се избрани како најуспешни архитектонски трудови за планираните објекти во кои треба да се сместат два факултети од Скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј“. Овој архитект со своите неокласицистички и барокни концепти за центарот на Скопје досега победи на неколку архитектонски Конкурси, меѓу кој е и оној за промена на фасадата и надградба на Градскиот трговски центар (ГТЦ). Надворешниот изглед на сите овие зданија е во согласност со преферираните архитектонски правци од владиниот проект „Скопје 2014“.

 

Најголемото прашање што се поставува од публикуваните резултати е дали се планира „барокизација“ и на комплексот факултети на УКИМ, изворно авторско дело на реномираниот словенечки архитект Марко Мушич. Овој познат интелектуалец во моментов ја врши функцијата претседател на Словенечката академија на науките и уметностите. Засега никој не ја информира македонската јавност дали воопшто е консултиран словенечкиот архитект при изборот на најдобрите архитектонски трудови за двата нови објекти во рамките на комплексот факултети на УКИМ.

 

 

Бојан Блажевски