Претходна статија
Инвеститори ќе вложат во нови фабрики во Демир Капија
Следна статија
Војниците можеби ќе дочекаат стан од проектот „АРМ - мој вистински дом“

Приватен инвеститор ќе го гради новиот Драмски театар

Објавено на 15.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#По една и пол година поминати во советување, конечно е позната судбината на новиот објект на Драмски театар. Планираното здание на местото на постоечкиот театар во скопската населба Карпош 2 ќе го гради приватен инвеститор. Министерството за култура денеска го објави повикот за пронаоѓање на компанија со која ќе воспостави договор за јавно – приватно партнерство за изградба на планираниот објект, при што проценетата вредност на градителскиот зафат изнесува 369.600.000 денари или 6 милиони евра, без вклучен ДДВ. Времетраењето на договорот за изградба на зданието со предвидена висина од 30 метри е определено на 42 месеци.

 

Новата зграда ќе се простира на шест ката, при што во еден нејзин дел ќе се смести театарската установа. Инвеститорот што ќе достави најповолна понуда е предвидено да ја добие можноста да го гради објектот со сопствени средства, при што тој ќе го добие и поголемиот дел од површината во идниот објект на сопствено користење. Надлежното министерство предвидело серија на критериуми што треба да ги задоволи економскиот оператор, меѓу кои е и условот за веќе реализирани два проекти во вредност не помала од 15 милиони евра по инвестиција во текот на изминатата деценија. Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди најдоцна до 29 јануари 2015 година.

 

За успешно спроведување на целокупниот проект е изработена физибилити студија од страна на консултантската куќа „Грант Торнтон“. Конкурсот за избор на идејно решение за новиот објект на Драмски театар беше комплетиран во март 2009 година. За најуспешен архитектонски труд беше прогласено делото на авторите Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ и Билјана Стојменовска од студиото „Платформа“, додека основниот проект го подготви „Монтимпекс – Инженеринг“ од Скопје.

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Бојан Блажевски