Наместо веќе да биде изградена и пуштена во употреба, замислената плажа долж Преспанското езеро ќе ја чека новата 2015 година за да биде остварена во реалноста. Министерството за транспорт и врски објави оглас за избор на градежна компанија што ќе уредува 500 метри плажа на брегот на Преспанското езеро во населбата Стење и дополнителни 100 метри во населбата Сливница. Надлежното министерство на веб – страницата на Бирото за јавни набавки во изминатово лето веќе објави потпишан договор за реализација на овој проект, но останува нејасно што се случи со планираниот зафат. Тогаш потпишаната зделка изнесуваше 39.990.200 денари, но веќе во новиот оглас проценетата вредност на новата преспанска плажа е зголемена на 77.288.136 денари без вклучен ДДВ (околу 1,2 милиони евра), што претставува речиси двојно повеќе финансиски средства од претходно договореното. Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди најдоцна до 8 јануари 2015 година, за кога е предвидено и нивното јавно отворање. Најповолниот понудувач ќе има рок од шест месеци за целосно да ја уреди плажата во должина од 600 метри.
Од она што е познато во моментов, на брегот на Преспанското езеро ќе се постави нов песок, хортикултурно ќе се уреди целокупниот простор, при што плажите е планирано да се опремат со тушеви, да се постават санитарни јазли, урбана опрема, чадори, лежалки, шанк за услужување на посетителите и други пропратни содржини. Целокупниот проект ќе се изведува врз основа на идејното решение изготвено од архитектот Васко Крстевски. Покрај во Преспа, од државниот буџет ќе се финансираат нови плажи и долж крајбрежјето на Охридското езеро.
Бојан Блажевски