Опасноста за еден од најпознатите мостови во Македонија е надмината. Екипите на скопската компанија „Синтек“ ја завршија санацијата на Мелнички мост што го премостува Дебарското езеро на патот Маврово – Дебар. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски при денешната посета на градилиштето изјави дека е комплетирано зајакнувањето на столбовите на мостот, како и зајакнувањето на челичниот носач. Во функција на надминување на проблемите со стабилноста на овој инфраструктурен објект, вградени се 92 тони арматура во засилување на неговата конструкција. Со реализираниот зафат е поставен и нов асфалт долж коловозот на мостот, променети се дотраената ограда и осветлувањето, поставени се нови сливници, а извршена е и заштита на цевководот за водоснабдување на Дебар.
* Мелнички мост пред реконструктивниот зафат
За реконструкцијата на Мелнички мост беа вложени 69,9 милиони денари и дополнителни 2,3 милиони денари за неговото осветлување. Мостот со должина од 375 метри не беше саниран повеќе од четири децении и постоеше опасност за негово уривање. Градежните работи за враќање на неопходната стабилност на конструкцијата на овој мост започнаа во текот на летните месеци од 2013 година.