Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Се изведува покривот на објектот на Македонска филхармонија
Следна статија
Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе произведува електрична енергија

Буџетот на главниот град за 2015 година усвоен, партиите со реакции

Објавено на 03.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#По неколкучасовна расправа, членовите на Советот на Град Скопје во 2 часот наутро го усвоија Буџетот за 2015 година. Градителските проекти што ќе се финансираат во текот на наредната година се во фокусот на борбата помеѓу советниците на опозицискиот СДСМ и на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Социјалдемократскиот сојуз достави 64 амандмани за голем број проекти предвидени за 2015 година, обвинувајќи дека околу 50% од вкупните капитални расходи што планира да ги направи Градот се однесуваат на изградбата на катни гаражи, реконструкција и доградба на фасади и изградба на плоштади, фонтани и тротоари.

 

„Владејачкото мнозинство усвои Буџет и гласаа за споменици, а не гласаа за подземна сообраќајница. Гласаа за нови фонтани, а не гласаа за ново средно училиште во Аеродром“, изјави координаторот на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје Дамјан Манчевски. Тој обвини дека само во текот на наредната година од градскиот буџет ќе се потрошат 14 милиони евра на раскош и луксуз, фонтани, барокни фасади и споменици. На ваквите тврдења, со своја реакција денеска се јави Град Скопје. Оттаму велат дека буџетот е балансиран и дека во него се внесени голем број на капитални и инфраструктурни објекти.

 

Врз основа на информациите на градската власт, наредната година ќе се работи на втората фаза од реконструкцијата и проширувањето на булеварот Трета Македонска Бригада, довршувањето на катната гаража кај полициската станица „Беко“ и на проширувањето на улицата Јордан Мијалков. Во 2015 година ќе се реализира проектот за продолжување на булеварот Партизански одреди до кружниот тек кај црквата Св. Петар и Павле во Ѓорче Петров и третата фаза од проширувањето и реконструкцијата на улицата Борис Трајковски во Кисела Вода. Веќе започнатиот проект за проширување на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов ќе се заврши во првата половина од 2015 година, но и ќе стартуваат проектите за санација и проширување на улиците Цветан Димов и на Пластичарската улица во Чаир, како и на главната сообраќајница во општина Сарај.

 

Градот Скопје очекува дека наредната година во Буџетот ќе се слеат финансиски средства во висина од 6 милијарди денари или за 15% повеќе во однос на изминатава година. Поддржувајќи ја градската власт, советниците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница истакнаа дека во буџетот за 2015 година се содржани проекти кои се од капитално значење за сите граѓани на Скопје.