За да се обезбеди непречена работа на домашните термоелектрани, Македонија во наредните години ќе биде приморана да увезува јаглен од странство. Од Македонската енергетска асоцијација велат дека оваа тема ќе треба да биде еден од главните приоритети за енергетската политика на земјава. Експлоатацијата на јаглен станува поскапа, со што опаѓа и производството на електрична енергија. „Капацитетот на рудниците е веќе во поодмината фаза на искористување, што значи дека преостанатите количини се помали, а и поскапи за експлоатација. Во таа смисла има одредени размислувања во ЕЛЕМ и другите институции на Владата за супституирање на тој јаглен со увозен или за мешање на домашен и увозен јаглен, со што би се продолжил животниот век на термоелектраните“, вели претседателот на асоцијацијата Кочо Анѓушев.
Асоцијацијата при Стопанската комора на Македонија денеска го разгледуваше Предлог – енергетскиот биланс на Република Македонија за периодот од 2015 до 2019 година. Учесниците заклучија дека мора да се направи подолгорочна стратегија за користење на лигнит и јаглен во земјава, но и да се добијат пореални предвидувања за енергетскиот биланс. Во споредба со лани, годинава е намалена потрошувачката на електрична енергија за 11,4%, но има раст на употребата на јаглен и лигнит, природен гас и огревно дрво.