Неодамнешните најави за рушење на Мостот на желбите и за изведба на нова пешачка патека долж Охридското езеро пополека се остваруваат во реалноста. Министерството за транспорт и врски денеска го публикуваше огласот за избор на проектна документација за изградба на пешачка патека на потегот од центарот на Охрид до црквата „Св. Јован Канео“ и до плажата Лабиново. Овој инфраструктурен објект треба да го замени постоечкиот мост на желбите. Заинтересираните субјекти за изработка на проектната документација ќе треба да ги достават своите понуди до 17 декември, по што ќе се одлучи која компанија ќе работи на оваа етапа од реализацијата на проектот.
Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески во септември годинава изјави дека новата пешачка патека од охридското пристаниште до населбата Канео ќе започне да се гради во текот на наредната година и истата ќе се комплетира до крајот на 2016 година. Претходно, неопходно е да се сруши постоечката патека што води од стариот дел на Охрид кон плажата „Потпеш“.
Бојан Блажевски