Претходна статија
Се бара проектант за новата патека од охридското пристаниште до Канео
Следна статија
М6 Едукативен Центар - место каде знаењето ги зближува успешните

ЕЛЕМ дава уште 3 милиони евра за класицистичката зграда во Центар

Објавено на 28.11.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

„Непредвидени работи“ ја зголемија сумата за изградба на класицистичкиот административен објект на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) во центарот на Скопје. Наместо првичните 11,6 милиони евра, изградбата на седиштето на оваа државна компанија спроти хотелот „Бристол“ ќе чини над 14,6 милиони евра. Според објавените податоци од веб – страницата на Бирото за јавни набавки, ЕЛЕМ пред десетина дена склучила дополнителен договор со австриската компанија „Штрабаг АГ“ во вредност од 186.617.499 денари или околу 3 милиони евра. Непланираните дополнителни активности ќе треба да се изведат во наредните 12 месеци.

 

* Некогашниот парк кај „Бристол“ ја изгуби битката со зградите; Фото: Бојан Блажевски

 

 

Од она што е планирано, досега не е целосно довршена армирано – бетонската конструкција на идниот објект во висина од 29 метри, туку само приземјето и првите шест ката. Надворешните ѕидови на објектот со планирани приземје, осум ката и поткровје се изведени само на првите четири ката. Канцеларискиот простор во ова здание од проектот „Скопје 2014“ ќе се протега на површина од 9.130 метри квадратни. Неговата изградба започна изминатото лето, по организираните протести на граѓаните од околните згради против подигањето на овој објект. Проектната документација за административното седиште на ЕЛЕМ ја изработи „Неимар инженеринг“, додека идејното решение го изготвија авторите Лазар Димов, Жарко Чаушевски и Стефан Смилевски.

 

 

Бојан Блажевски